Ковачевски: Македонскиот јазик е признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство

од Vladimir Zorba
187 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски упати телеграми со честитки по повод Денот на македонскиот јазик – 5 Мај, до Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, како и до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје.

Владата на Република Северна Македонија во 2019 година, овој ден го прогласи за Ден на македонскиот јазик во чест на 5 мај 1945 година кога првата влада на Народна Република Македонија ја усвоила азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо.

„Македонскиот јазик денес е познат и признат како столб на нашиот народ и е втемелен во европското законодавство. За прв пат, со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, неговиот статус како рамноправен со сите други јазици кои се зборуваат во Европската Унија е неприкосновен”, вели премиерот Ковачевски во честитката упатена до Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Тој потенцира дека како надополнување на досегашните активности, Владата на Република Северна Македонија иницира донесување на нов Закон за употребата на македонскиот јазик, со којшто ќе се прошират областите во коишто задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и востановување на нова државна награда за оддавање признание на високи стручни и научни достигнувања од областа на македонскиот јазик во земјава и во странство, којашто се предлага да го носи името на нашиот великан Блаже Конески.

Во честитката до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје, премиерот Ковачевски вели:

„Заедно со Вас, дадовме поддршка на активностите за континуирана афирмација на македонскиот јазик преку реализација на интернет-платформата makedonski.gov.mk, на која е поставен дигитализираниот „Толковен речник на македонскиот јазик”. Толковниот речник се надоврза на претходната иницијатива на Владата кога беше дигитализиран и Правописот на македонски јазик, а ја поддржавме и дигитализацијата на сите картотеки во Институтот за македонски јазик, каде после повеќе од 20 години овозможивме вработување на 17 млади луѓе, со што ја докажуваме грижата за македонскиот јазик на дело. Со Вашата континуирана несебична поддршка и афирмација на македонскиот јазик, преточена во конкретни активности, покажавте како се сака, почитува и негува нашето скапоцено културно наследство, кое ќе остане како аманет за идните генерации”, истакна премиерот Ковачевски во честитката до Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” во Скопје.

Слични содржини