Петтиот ден од петтиот месец во годината секоја година го прославува она без кое македонскиот народ не би имал свој идентитет, – 5 мај, Ден на македонскиот јазик.
На вториот ден од Саем на книга, Арена – Борис Трајковски е исполнета со групи на млади лица, факт којшто влева надеж дека постои афинитет за пишаниот збор и читањето како навика во иднината, – младите. Љубителите на поседување нова книга во рака, овие денови можат да се најдат токму на Саемот на книга, каде ги разгледуваат и купуваат бројните наслови од разни автори на штандовите на издавачките куќи на годинешниот саем.
Во склоп на програмата на тековното издание на Саем на книга, двајца ученици од СУГС Гимназија „Орце Николов“ од Скопје, Никола Михајловски и Бојана Цветковска, од страна на организаторите на Саемот на книга, беа наградени со благодарници за учество со најдобар состав на тема за негувањето и зачувувањето на мајчиниот јазик, – „Душата зборува на македонски јазик“.
Двајцата ученици во склоп на Промотивниот центар со присутните гости ги прочитаа своите состави, кои се олицетворение на ставот на младите и нивната желба да го зачуваат она кое им се остава во наследство од страна на постарите генерации, благодарение на поборниците за чувањето на македонскиот јазик, многубројните легенди во македонската книжевност и историја како Кочо Рацин, Блаже Конески, Петре М. Андреевски
„Велат, на колку повеќе јазици знаеш да зборуваш, толку повеќе вредиш. Но, што вредиме ако не зборуваме на нашиот мајчин, на нашиот македонски јазик? А и големите великани, наши писатели и поети, на македонски твореле не затоа што така морале, туку затоа што така душата им сакала, така срцето им чукало, на македонски мислата им се раѓала. Со македонскиот јазик можеш и скршено срце да излечиш, рана да оздравиш, живот да си поправиш. Ако на македонски пееш, ти љубов сееш. А штом на македонски љубиш, кажи ми – кого можеш да изгубиш? Околу три милиони луѓе, наши и туѓинци, на македонски зборуваат. Колку ли милиони нѐ слушаат? Но, штом зборуваш македонски, не си туѓинец, наш си. Историјата на овој јазик нѐ учи да не се делиме по ништо на светов. Сите сме си едно, фатени за раце зборувајќи на овој јазик стануваме нераскинливо „цело“. Секој што на македонски проговорил, не е можно да го заборавил. Јазикот сме ние, јазикот е сѐ, а со зборовите на Конески – јазикот е нашата татковина! За нас, македонскиот!“ сподели дел од својот состав ученичката Бојана Цветковска за време на читањето пред присутните во Арена – Борис Трајковски.
„Јазикот, како појава, е специфична – толку проста за сфаќање, а сепак толку неразбирлива. Што има во тој наш сплет на симболи и гласови што толку нè прави сентиментални? Па, гледајќи го од тој аспект – ништо. Тогаш, зошто сме толку приврзани за него? Зошто се навредуваме кога некој ни го плука? Зошто некој воопшто би имал причина да ни го плука, штом не е важен?“ беше ставот на ученикот Никола Михајловски во склоп на дел од својот состав.
„Секој пат одново покажуваме дека ниту сме Бугари, ниту сме Срби, ниту Грци и секој пат одново никој не нè слуша. Но има едно нешто – колку и да ни делкаат од историјата, колку и историски личности да пробуваат да ни земат, овој народ чии први зборови биле „мама“ и „тато“, а не „тата“, „башча“, „папакис“ или „ане“, во душата ќе си остане македонски, тоа е нешто неразделиво. Па макар и да сме поробени, ништо ново, веќе сме биле цели 1500 години, ќе се вратиме пак. Пуст балкански инает,“ дополнува Никола Михајловски.
По повод 5 мај, Денот на македонскиот јазик, МАИ – Македонската Асоцијација на издавачи, на Саем на книга денес и традиционално ги врачи годинешните награди на најдобрите автори и издавачи, кои заслужно во изминатиот период имаат дадено значаен придонес преку моќта на пишаниот збор. Еден од наградените е и Академик Влада Урошевиќ.