Ковачевски од седиштето на ОН: Северна Македонија создаде сопствен модел за функционална мултиетничка демократија

од Vladimir Zorba
216 прегледи

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на САД, учествуваше на панел организиран по повод 30 години членство на Република Северна Македонија во Обединетите нации.

Дискусија се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, на која се обратија и Љубомир Фрчковски, постојан претставник на Република Северна Македонија во ОН, Метју Нимиц, американски дипломат и специјален пратеник на ОН во спорот за името, Џон Багот, полковник во пензија, командант на американскиот батаљон во УНПРЕДЕП, Мирослав Јенча, помошник генерален секретар за политички работи на ОН и Денко Малески прв министер за надворешни работи на нашата држава. Премиерот Ковачевски говореше на тема Превентивна дипломатија, посредување и политика на пријателство на Северна Македонија од раните 1990-ти досега.

„Начелата на кои Северна Македонија ја спроведува својата надворешна политика се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различноста во демократските процеси, заштита и унапредувањето на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи. Културата на дијалог и компромиси, истовремено инсистирајќи на превенција во решавањето на сите спорови, одат рака под рака со нашата приврзаност за активниот и ефективен мултилатерализам.

Се грижиме за и придонесуваме кон зацврстувањето на безбедноста, демократијата и човековите права, на национално, регионално и глобално ниво, дефинирајќи се себеси како видлив и активен партнер во ОН. На тој пат, изминатите 3 децении, ние создававме партнерства со многу земји истомисленички. Станавме членка на НАТО. Завршувањето на интеграцијата кон ЕУ, кон која вложуваме посветени напори, ќе претставува крај на долгиот пат што започна со референдумот за независност во 1991 година и последователниот прием на нашата земја во ОН, пред 30 години. Овој пат воопшто не беше лесен. Беше пат полн со воздржаност, истрајност во поддржувањето на начелата и политиките за мир, соработка и пријателство, како и решеност да се придржуваме до нив дури и во најтешките времиња“, рече, меѓу другото, Ковачевски.

Слични содржини