Што мислат помалите партии за забраната за влез на Ковачев?

од Nikola Popovski
701 прегледи

После неколку дена молк, Министерството за надворешни работи ги соопшти причините зошто бугарскиот европратеник Андреј Ковачев не добил дозвола за влез во нашата земја на 6-ти мај. Според соопштението, меѓу групата која сакала да отпатува до бугарските воени гробишта кај Ново Село, имало лица за кои МВР имало сознанија дека претставуваат ризик за јавниот мир и безбедност. Како што тврдат меѓу нив не е европратеникот Ковачев, но надлежните служби донеле ваква одлука поради групата со која патувал.

Се поставува прашањето што би значела ваквата одлука во однос на нашата евроинтеграција и патот кон ЕУ, со оглед дека претседателката на Европскиот парламент и еврокомесарот за проширување остро го осудија ваквиот настан и најавија дека ќе побараат јасно објаснување. Дел од македонските партии со кои контактираше „Локално“ велат дека во принцип постојано гледаме дека од бугарска страна се наоѓаат изговори за се и сешто, само за да го попречат нашето идно членство во Унијата. Генералниот секретар на Демократски сојуз, Зоран Димитровски во разговор за нашата редакција истакна дека слично се случуваше и во случајот со Христијан Пендиков, кога имаше закани за вето.

-Сега заради за влез на Ковачев, исто така се закануваат со вето. Но сепак треба да се видат околностите. Не верувам дека македонските власти и МВР спречиле влез на европратеник, ако немале сознанија дека тој и во минатото како што можеме да бидеме сведоци, многу пати негувал запалива реторика кон македонскиот народ, негирајќи го македонскиот јазик и историската втемеленост. И Ангел Џамбаски е европратеник, па гледаме дека постојано се служи со дисквалификација и непостоење на македонскиот народ, оценува Димитровски.

Според него, ова е само еден доказ како ќе се однесува Бугарија во иднина.

-Било каков потег од наша страна, ќе биде користен како изговор за вето. Од тие причини сметам дека прифаќањето на францускиот предлог да влезе во преговарачката рамка, беше погрешно. Нема никаква гаранција дека со вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе се намалат тензиите. Секој ваков случај и инцидент, Бугарија ќе го користи како изговор за вето во иднина, истакнува генсекот на ДС.

Во однос на силните реакции од Брисел и дали ваквиот чекор на Македонија е оправдан, Димитровски вели дека знаеме како Ковачев се однесуваше во минатото.

-Иако на прв поглед изгледа дека бил покоректен од Џамбаски, има многу изјави во минатото кои што го негираат нашиот идентитет. Од тие причини сметам дека оваа изјава на другите европратеници и еврокомесарот Вархеји, поаѓаат од правото на секој слободно да патува и да не се ограничува правото, но мора да се има предвид какви се намерите, дали ќе присуствувал на собир кој што може да предизвика понатамошни проблеми на безбедносен план во Македонија. МВР ги има информациите и се надевам дека ќе одговори до соодветните органи, порачува соговорникот.

Слободата на движење, потенцира Димитровски, треба да биде загарантирана, но не и во случај ако некој има намера да прави проблеми со тоа што ќе ги навредува чувствата на Македонците и ќе истакнува пароли како со чествувањето на годишнината од смртта на Мара Бунева.

-Работите треба да се разјаснат, но министерствата и Владата треба да продолжат да го штитат националниот идентитет на граѓаните Македонци, заклучува Димитровски.

Од друга страна од партијата „Македонски концепт“ се децидни дека ваквата одлука за забрана нема да влијае во преговорите за членство во ЕУ.

-Ковачев и онака беше протагонист на бугарското вето. Претставниците на ЕУ институции или партиски ЕУ организации не се доволно запознаени со приликите во Македонија, за што е виновно нашето партизирано МНР, кое работи на албанската етничко шовинистичка агенда, а не на македонската државна, вели од партијата за „Локално“.

Партијата бара ЕУ да биде конзистентна во ставовите.

-Пред три месеци Совет на Европа побара воведување на посебно кривично дело – историски негаторизам! Токму таков историски негаторизам не пропушта да направи Ковачев во секоја негова изјава, што значи согласно насоки на ЕУ треба и кривично да го прогонуваме, потенцираат од таму.

Додаваат дека ние сме суверена држава и самостојно одлучуваме, а „кога ќе не примат во ЕУ, тогаш тие ќе имаат надлежности во нашиот граничен систем“.

Околу фактот дека за првпат се чини двете најголеми македонски партии се на „иста линија“ по ова прашање, од партијата на Петар Богојески наведуваат дека „многу одамна тие две партии имаат исти агенди“.

-Поентата е што постигнавме во односите со Бугарија? Ништо! Најлоши до сега во историјата! Оваа анти-ЕУ влада на Македонија нема капацитет да ги подобри односите со Бугарија, истакнуваат од „Македонски концепт“ и посочуваат:

-Ако некој е на оска со Москва тоа е Бугарија и пријателите на Ковачев! И тоа докажани московски измеќари и агенти! Се додека таквите луѓе не разберат дека со изјавите за територијални претензии кон Македонија, за негирање на македонски јазик, негирање на македонски етнос, всушност и помагаат токму на Москва, а целосно работат против ЕУ и НАТО, со нив не треба да се прави компромис, стои во одговорот на „Македонски концепт“.

Н.П.

Слични содржини