Само МИА ќе ги снима седниците на Судскиот совет, Георгиев побара шанса од медиумите

од Nikola Popovski
291 прегледи

Новиот претседател на Судскиот совет, Сашко Георгиев денеска побара од медиумите да му дадат шанса. Тој порача дека само сите заедно со исклучителна и отчетна работа, ќе постигнат добри резултати. Георгиев е дециден дека Судскиот совет со него како претседател, ќе покаже дека ќе ја зголемува транспарентноста и отчетноста во работата на Советот.

-Денеска е присутна и камера од МИА. Побарав да се снимаат нашите седници и јавноста е тука. Но ќе потенцирам дека како претседател уште денес ќе стапам во контакт со претставниците на МИА и ќе обезбедам средства секогаш да имаме јавна седница и редовно да се снимаат. Ве замолувам на професионалност и коректност. Ја пружаме раката да бидеме коректни и транспарентни. Каде сме за критики, ќе се критикуваме, а каде имаме резултати, тоа ќе го споделиме со јавноста, рече Георгиев на почетокот на новата седница и додаде дека поради големиот број камери, стручните служби со потешкотии си ја вршеле својата работа.

Претседателот на Судскиот совет нагласи дека само три дена е на функцијата и уште нема влезено во новиот кабинет.

-Не заслужувам таков пристап како човек и судија. Времето ќе покаже дека ќе имаме редовни брифинзи и транспарентност, додаде Георгиев.

Ова следува откако вчера на почетокот на седницата, новиот претседател на Судскиот совет кажа дека поради условите во салата, одлучено е камерите да не бидат внатре, туку да останат само новинарите. На ова реагираа од ЗНМ и АВМУ.

Слични содржини