Турција го одложи плаќањето на сметката од 600 милиони долари за руски природен гас до 2024 година.
Договорот предвидува можност за одложување на плаќањето на повеќе од 4 милијарди долари од сметките до 2024 година, изјавија два извора под услов да останат анонимни. Турција е многу зависна од увоз на енергија, а Русија е нејзин најголем снабдувач.
Турските девизни резерви се исцрпени
Договорот за одложување на плаќањата за гас го намалува притисокот врз девизните резерви на Турција, исцрпени од неортодоксната политика насочена кон зајакнување на лирата и зголемување на цените на енергијата, објаснува „Ројтерс“.
„Исплатата на 600 милиони долари официјално е одложена за следната година. Голема улога (во доцнењето) одигра и поскапувањето на енергенсите“, изјави еден од изворите.
Турција може да го одложи плаќањето на повеќе сметки во наредните месеци, во зависност од движењето на цените на енергијата, додаде тој.
Руското и турското министерство за енергетика и енергетските компании „Гаспром“ и „Ботас“ не одговорија на барањето на „Ројтерс“ да ја коментираат информацијата за одложувањето.