Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во четвртокот изјави дека со премиерот на Косово, Албин Курти, разговарал за понатамошните чекори во процесот на нормализирање на односите меѓу двете страни.
По средбата во Приштина, тој посочи дека по средбата на највисоко ниво која се одржала во Брисел на 2 мај, мора да се утврдат понатамошните чекори и дека има договор во оваа насока.
Тој рече дека в петок ќе го посети и Белград, каде на истата тема ќе разговара со претставници на Србија.
„Имаме договор и имаме анекс, затоа мора да ни бидат јасни првиот, вториот и третиот чекор. Ова беше во фокусот на една многу интензивна, но важна дискусија. Ќе одам и на северот на Косово, каде ќе се сретнам со локалните лидери, за да ја разбереме ситуацијата таму и се надевам дека ќе имаме политичко решение што ќе доведе до целосна нормализација на односите и спроведување на договор“, нагласи Лајчак.
Тој најави дека во понеделник во Брисел ќе се сретне со главните преговарачи на Косово и Србија, Бесник Бислими и Петар Петковиќ.
„Фокусирани на целосна нормализација“
Одговарајќи на новинарски прашања во врска со ситуацијата на северот на Косово, Лајчак нагласи дека „може да имаме нормализација или конфликти“.
„Дефинитивно сме фокусирани на целосна нормализација“, за да избегнеме каква било ескалација или конфликти, што не е во ничиј интерес.
Коментирајќи го несогласувањето меѓу Косово и Србија во врска со предложениот нацрт-статут на заедницата на општините со српско мнозинство на северот на Косово, Лајчак рече дека работата на посредникот е да најде средно решение и токму тоа се обидува да го направи.
Запрашан дали хрватскиот модел за малцинствата кој го спомна Курти може да функционира на Косово, Лајчак рече дека за ЕУ е прифатливо се што е засновано на европски норми и во согласност со постоечките европски модели.