Предизвиците на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, успешната приказна на државата во новата меѓународна позиција, регионалните предизвици и улогата на САД во ОБСЕ беа теми во центарот на интервјуто на Филип Рикер, директор на Програмата “Global Europe”на Вилсон Центарот со министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи.
Османи се осврна на приоритетот број еден на претседателството: “Организацијата покажа отпорност и покрај тешката состојба во која се наоѓа. Една земја учесничка блокираше две мисии во Украина. Но ние не седевме со вкрстени раце, туку најдовме креативна формула за да се вратиме во Украина, да им помогнеме на Украинците, на украинскиот народ и на институциите на Украинците”.
Она што сакавме да го направиме за време на нашето претседавање, вели Османи во интервјуто, е како да го однесеме ОБСЕ поблиску до обичните луѓе.
„Дипломатијата не е само дипломати кои седат на маса и разговараат за јавните политики, туку тоа е и секојдневна работа со луѓе на терен“, рече претседавачот со ОБСЕ.
На прашањето на Рикер, за важноста на улогата на САД во Организацијата, Османи со одговор:
„Ова беше едно од прашањата што го дискутиравме во Вашингтон, но и пред еден месец кога ги презентирав приоритетите на Северна Македонија пред Хелсиншкиот комитет. Се вратив во Скопје уште посигурен за иднината на организацијата, со уверение дека САД се таму и ќе продолжат да имаат важна улога во ОБСЕ. Значи, ова носи доверба кај сите нас, во континентот и во организацијата. Работиме многу тесно во Виена, како и во Скопје и Вашингтон, со заедничка цел како можеме да ја водиме агендата на ОБСЕ напред“.
Меѓу другото Османи зборуваше за напредокот на Северна Македонија, ставајќи го акцентот на успешната приказна на функционалната мултиетничка демократија, културата на дијалог, добрососедските односи, истакнувајќи дека во секој успех на нашата држава има печат на Вашингтон, Брисел, ОБСЕ и другите организација.