Денес, на заеднички појадок со претставниците на медиумите, трите пензиски друштва Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје го одбележаа почетокот на третото продолжение на „Засади желба“, кампања со едукативен и општествено одговорен карактер.
По двете успешни кампањи кои ги спроведоа под името „Засади желба“, овој пат фокусот на активностите и едукацијата пензиските друштва го ставија на одржлива иднина, односно на активно вклучување на младите генерации во градењето навики и решенија за одржлива иднина.
Главната цел на кампањите е пред сѐ подигнување на свесноста за реформираниот пензиски систем, преку симболиката на садењето дрвја и времето што е потребно да се види и ужива резултатот од тој влог, а од оваа година и преку малите активности кои прават голема разлика во пошироката слика за поубава иднина.
„Едукацијата во раните години е најважниот аспект од инвестицијата во процесот на градење поубава иднина на долг рок, но и мотивација за активна грижа за животната средина. Освен до младата популација, целта на оваа кампања е да го вклучи членството во сите проекти, како начин да се создаде едуцирана заедница која свесно постапува и активно придонесува за подобро утре, за себе и за сѐ што нѐ опкружува. Покрај членството, секако, конечната цел е инспирирање на активно учество на пошироката јавност, бидејќи со секој индивидуален позитивен пример целото наше општество е чекор поблизу до поубава иднина кон која се стремиме сите.“ – истакнаа претставниците на пензиските друштва.
Сава пензиско друштво а.д. Скопје, КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје и Триглав пензиско друштво а.д. Скопје веќе осум години реализираат кампањи за едукација и информирање на целото население за придобивките од членувањето во задолжителниот и доброволниот пензиски фонд, но со „Засади желба“ дадоа еден поинаков пристап кон грижата за сопствената иднина од финансиски, но и од еколошки аспект.
Изминатите две години, покрај едукативните активности, младите имаа можност да учествуваат во создавањето на Пензиски паркови во дворот на еден факултет и осум средни училишта низ државата, како и да дадат свое дизајн решение на Пензиски парк со површина од 5.000 квадратни метри.
За оваа година пензиските друштва најавија нови Пензиски паркови, како потсетник дека една убава идеја засадена денес и понатаму ќе се разгранува и допрва ќе донесе придобивки за секого. Дополнително, следат активности поврзани со рециклирањето, тема која е тесно поврзана со одржувањето на засадените паркови и желби, како и организација на првиот „Еко-тон“ – еко хакатон на кој ќе се пријавуваат млади претприемачи со свои идеи за проекти за одржлив развој.
Во своите обраќања до медиумите претставниците на пензиските друштва го објаснија реформираниот пензиски систем и го образложија функционирањето на вториот и третиот пензиски столб.
„Активностите коишто ги планираме се движат во насока на потврдување на 18-годишната улога која ние како носители на реформираниот пензиски систем ја имаме, за континуирано работење на подигнување на свеста и финансиска едукација, со што сакаме да поттикнеме интерес кај идните пензионери да дознаат што е можно повеќе за тоа како изгледа реформиран пензиски систем и како пензиските друштва може да ви помогнат во создавањето на вашата одржлива финансиска иднина. Сметаме дека вака реформираниот пензиски систем и ефектите од истиот, како и преку исплата на пензии од вториот столб и пензиски надоместоци од третиот столб ќе создаваме идни пензионери кои ќе го одржуваат животниот стандард и ќе имаат среќни пензионерски денови. “ – истакна во своето обраќање Весна Стојановска, Генерален директор на КБ Прво пензиско друштво а.д. Скопје.
Д-р Петар Талески, Претседател на УО во Сава пензиско друштво а.д. Скопје ги образложи процедурите за пензиско осигурување, како и процесот на избор на пензиско друштво.
„Денес би сакал да ги потенцирам основните информации кои треба да ги знае секој од нас во моментот кога за прв пат ќе се вработи. Тоа за секого е момент на животна пресвртница, се отвораат нови можности, нови перспективи и влегуваме во светот на бизнисот и остварувањето на приходи. Со првата заработка, ќе почнат и првите плаќања на задолжителни социјални придонеси, а со тоа и некои од првите наши обврски и одлуки кои треба да ги донесеме. Овој избор во тие први денови од вработувањето значајно ќе влијае на идната пензија и затоа треба внимателно да се проверат резултатите, карактеристиките, услугите кои ги нудат сите постоечки пензиски друштва на пазарот.“ – истакна Талески.
„Гледано низ призмата на суштинските интереси на младите денес, сметаме дека нивната свест е можно да се подигне, само и единствено преку нивна суштинска поврзаност и идентификација со наративот и со клучните пораки на оваа кампања, кои се пак директно испреплетени со актуелни теми и приоритети на глобалните светски трендови насочени кон долгорочен и подобрен квалитет на животот во иднина. Со тоа, екологогијата, одржливоста и активниот начин на живот кои се воедно и клучна тема на кампањата „Засади жалба за одржлива иднина“, преку иновативна форма и наратив ќе се обидат да дадат едно ново светло во начините на перцепција и разбирање на пензискиот систем, неговата одржливост и суштинските придобивки од неговата функционалност. Останува на нас – пензиските друштва, како главни чинители во процесот со своите активности и делување, да ги збогатиме и прошириме ефектите од оваа кампања, преку сите форми на нашето делување и оперативен развој на македонскиот пазар во целина. “ – изјави во своето обраќање Тихомир Петрески, Претседател на УО во Триглав пензиско друштво а.д. Скопје.
На средбата со новинари пензиските друштва го преставија и видеото на новата кампања.