Груба невистина анонимно пласирана преку социјалните мрежи е вчерашниот обид на граѓаните да им се протне лагата дека е доведено во опасност нивното здравје поради наводниот нелегален увоз на 10 камиони со небезбедни домати по потекло од соседна Албанија, соопштија денеска од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Според анонимниот загрижен автор на пораката, наводно станува збор на домати кои како небезбедни поради утврдено зголемено присуство на тешки метали и пестициди се вратени од увоз од Босна и Херцеговина или од Република Црна Гора.
Посочуваат дека од почетокот на годинава од вкупно увезените 1.819.306 килограми домати по потекло од Република Албанија нема вратено ниту една пратка како небезбедна. Во неделата (14.05.2023 година) преку инспекциското место на ГП Табановце кое работи за време на викенд, од страна на инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, извршен е преглед и дозволен е увоз на 12 пратки со различен вид зеленчук, од кои 148.757 килограми домати. Увозот е реализиран од 11 оператори со храна евидентирани во Агенцијата за храна и ветеринарство кои за увозот ја поседуваат целокупната потребна документација.
Наводниот увоз на 10 камиони со небезбедни домати од Албанија, за кој во анонимната ФБ објава се тврди дека е реализиран деновиве, воопшто не е евидентиран од Агенцијата за храна и ветеринарство како таков, односно, досега, вклучително и викендов, не е вратена ниту една небезбедна пратка по потекло од соседна Албанија.
-Апелираме граѓаните да бидат спокојни и да не наседнуваат на дезинформации, особено не на објави на социјалните мрежи зад кои се затскриваат интереси на поединци, кои, од само за нив познати причини, во име на грижа за здравјето на граѓаните пласираат невистини и ги доведуваат во заблуда потрошувачите. До анонимниот објавувач упатуваме апел доколку располага со вистините докази случајот да го пријави до надлежните државни органи, истакнуваат од АХВ.