Денес се оствари средба меѓу првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и специјалниот претставник за Западен Балкан на Сојузна Република Германија, Мануел Сарацин.
Груби и Сарацин разговараа за актуелната политичка ситуација во земјата и регионот, потребата од усвојување на уставните измени за Северна Македонија да го продолжи своето европско патување, иницијативата на Европскиот фронт на владината коалиција, скрининг процесот, предизвиците и посветеноста за спроведувањето на реформите, борбата против криминалот и корупцијата.
Груби го информираше специјалниот претставник на Германија за досегашните чекори во насока на исполнување на обврската за уставните измени кои произлегуваат од европскиот предлог за надминување на спорот со соседна Бугарија, односно за формирањето на работната група за формулирање на уставните промени. Двајцата соговорници ја искажаа потребата од конструктивност за успех на овој процес од страна на сите протагонисти за креирање политики, чекор кој никому не штети, ја зајакнува демократијата и ја одредува европската иднина на државата. Груби ја истакна посветеноста на Владата за успешно завршување на скрининг-процесот, конструктивната политика на добрососедство, спроведување на реформите и зајакнување на борбата против криминалот и корупцијата. Поддршката на Германија за европскиот пат на Северна Македонија несомнено дека нема да изостане.