Петседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во интервју за ВОА во Вашингтон изјави дека албанскиот јазик не треба да стои како проценти туку како еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата.
– Де факто и де јуре албанскиот јазик е јазик кој што се користи секојдневно во Македонија во сите институции. Целата филозофија која што ја дебатираме сега е дали ќе стои албански или ќе стои бројка дваесет проценти. Ние сметаме дека ова е момент кога нашите сограѓани Македонци и нивните претставници политичките партии ќе видат дека е стварно моментот да ја тргнеме таа бројка. Како што инсистирам и македонскиот јазик да се користи така како што треба кога се напаѓа од било која држава, така и албанскиот сметам дека не треба да стои како проценти туку само тие 20 проценти да се заменат со албански јазик. Од албанските партии апсолутно сите се за тоа, и од македонските јас не гледам поголема пречка и СДСМ и ВМРО и декларативно. Меѓутоа и меѓу нас кога зборуваме, па дури и претседателот на државата пред неколку дена кажа дека е апсурдно да се користат проценти за еден јазик кој што и формално и правно се користи во државата. Така да се надевам дека овој е моментот кога ќе ги направиме овие промени заедно со воведување на Бугарите во преамбулата и тераме понатаму со европската агенда која што нема друга алтернатива за нашата држава во која што живееме, кажа Таравари.