Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот пристигна во Џеда, Саудиска Арабија за да присуствува на самитот на Арапската лига.
На настанот се очекува Зеленски да одржи говор.
„Ја започнувам мојата прва посета на Кралството Саудиска Арабија со цел да ги подобрам билатералните односи на Украина и врските со арапскиот свет“, напиша Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека ќе разговараат за прашања поврзани со „политичките затвореници на Крим и привремено окупираните територии, враќањето на луѓето, формулата за мир, енергетската соработка“.
„Кралството Саудиска Арабија игра важна улога и ние сме подготвени да ја подигнеме нашата соработка на ново ниво“, додаде тој.
Beginning my first-ever visit to the Kingdom of Saudi Arabia to enhance bilateral relations and Ukraine’s ties with the Arab world. Political prisoners in Crimea and temporarily occupied territories, the return of our people, Peace Formula, energy cooperation. KSA plays a…
— Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) May 19, 2023
Во февруари Саудиска Арабија и Украина потпишаа договор, според кој 400 милиони долари хуманитарна помош ѝ беа доделени на Украина зафатена од војна.
На овогодинешниот самит по 12-годишна суспензија ќе присуствува и рускиот сојузник Сирија.
Учеството на Сирија беше суспендирано откако режимот на Башар ал Асад насилно ги потисна демонстрациите во 2011 година, што доведе до граѓанска војна.