Во португалската провинција Алгарве утрово започна нова голема потрага по исчезнатата Маделин МекКен. Тоа е прва потрага по девет години, а истражителите се фокусирани на езерото и доказите кои ги нашле кај осудениот педофил Кристијан Брукнер.
Се претресува областа околу браната Араде, каде што наводно Брукнер имал скривалиште, односно каде го паркирал својот кампер без никој да го види.
Тој беше обвинет во Германија минатата есен за неколку сексуални злосторства врз жени и деца во Алгарве, вклучително и сексуално злоставување на 10-годишно девојче на плажа во близина на Праја да Луз во 2007 година. Таа година во истата област исчезна и тригодишната Меди.
Локалните медиуми пишуваат и дека полицијата ќе го пребарува езерото со сонар, како и со опрема која овозможува откривање на човечки останки под земја.