Ковачевски: Од ова парче земја се црпи културното наследство на сите словенски народи меѓу кои и на мојот македонски народ

од Nikola Popovski
236 прегледи

Избравме годинава да го чествуваме 24 Мај, овде, на Плаошник, местото каде е основан и дејствувал првиот словенски универзитет затоа што тука најгласно одекнува вечната и непобитна вистина за потеклото на нашиот македонски јазик, на нашата македонска писменост и култура, а со тоа и на нашиот македонски идентитет, кажа премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето по повод Денот на сесловенските просветители Св.Кирил и Методиј.

-Затоа што токму на оваа македонска почва, светите Кирил и Методиј ја создале глаголицата, ја создале писменоста, од којашто натаму се развива и современата македонска писменост. Од ова парче земја го црпиме старословенското, кирилометодиевското и црковнословенското наследство, кое е суштински дел од културното наследство на сите словенски народи, а меѓу нив и на мојот, на нашиот, на македонскиот народ. Одејќи по стапките на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Свети Климент Охридски, токму овде, во Охрид, ја развил Охридската книжевна школа. Тоа е првиот словенски универзитет во тоа време и тој прераснува во еден од најголемите и највлијателните културни центри, од каде што се шири словенската писменост, истакна премиерот.

Според него, ракописи од таа Охридската школа, денес се наоѓаат речиси во сите позначајни светски библиотеки и установи. Тој исто така додаде дека сме покажале оти сме достојни следбеници на сесловенските просветители, Кирил и Методиј, темелниците на европскиот интеркултурализам, кон што денес е насочена и целата современа, мултикултурна Европа.

-Светите Браќа Кирил и Методиј, се впуштиле во борба против тријазичната догма дека христијанството може да се проповеда само на три јазици – еврејскиот, грчкиот и латинскиот. И успеале со своите мисии да го внесат и словенскиот јазик, на рамноправно рамниште, создавајќи го и посебното словенско писмо – глаголицата и првиот литературен јазик на Словените – старословенскиот. Ваквото нивно дело претставува културна и политичка револуција во тогашната хуманистичка мисла, но и промоција на европскиот хуманизам, во духовниот и во интеркултурниот стремеж за рамноправност на јазиците и еднаквост меѓу народите. Тоа, кон што се определени и Европа, како и светот, денес, потенцира премиерот.

Ковачевски додаде дека Светите Кирил и Методиј, како што цени науката, за првпат го активирале феноменот на словенскиот фактор, како еден вид рамнотежа – политичка, црковна и културолошка, во растежот на европската цивилизација и култура, гледајќи во него како на мост меѓу Источната и Западната европска цивилизација.

-Затоа успехот на нивната мисија е повеќенасочен. Тој успех значи пресвртница за словенските народи, за нивниот културен и историски развиток и отворена врата – во и за културниот европски свет. Овој напор на Светите Браќа има несомнени културолошки вредности за словенската цивилизација, но и за целата културна и образовна иднина на Европа и на светот. Република Северна Македонија денес претставува успешен пример на функционална мултикултурна држава и кај нас се негува на дело еднаквоста на националните и на јазичните различности. Успеавме и да се избориме за сопствената јазична и идентитетска еднаквост во Европа, нагласи Ковачевски.

Според него не е нескромно кога ќе се истакне дека Република Северна Македонија е мостот што им е потребен на Западниот Балкан и на Европа денес, во надминувањето на сложените предизвици на денешницата.

-И ова современо време во кое што ние живееме, векови по времето на Светите Браќа Кирил и Методиј, има потреба од натамошни успешни мисии во насока кон интеркултурализмот. А нашата држава, со сите свои предизвици во развојниот пат, поради многу богатото културно и историско наследство, како и поради прогресивната раководна мисла, подготвено го следи космополитскиот дух на Светите Кирил и Методиј. Се докажа, во регионот и во Европа, дека сме потребниот мост, бидејќи покажавме, преку дела, како со разговор и со дијалог – како цивилизациски придобивки, се наоѓаат решенијата на преговарачките маси. А никој не може да одземе некому јазик, да одземе идентитет! Тоа едноставно не е можно! На македонски јазик, на македонското тло, во оваа наша македонска држава се говорело и се пишувало отсекогаш. Се говори и се пишува денес. И ќе се говори и ќе се пишува за навек, кажа Ковачевски.

Слични содржини