Во Кочани се одржа втората урбана трка “Rotary run”, која го организираше Ротари клубот Кочани-Виница. На трката учествуваа над 270 натпреварувачи од повеќе градови во државата. Се трчаше на патеки со должина од 10,5 и 2,5 километри, во женска и машка конкуренција, како и во категоријата Family run.
Во женската конкуренција на 10 километри прво место го освои Тамара Јолевска Попов од атлетскиот клуб “Атомик” од Скопје. Таа е минатогодишна државна првенка во маратон. Во машката конкуренција, златниот медал и првото место го освои Дарио Ивановски, најдобриот македонски атлетичар, двократен балкански шампион и кандидат за учество на Олимписките игри во Париз во 2024 година.
На патеката од пет километри најбрзо трчаа Анастасија Христова во женска и Григорио Никовски во машка конкуренција. Во категоријата Family run признанија им беа доделени на Николчо Костадинов и Панче Саздов, кои трчаа со своите семејства.
Претседателот на Ротари клубот Кочани-Виница, Сашко Андонов, изрази задоволство од интересот за учество и квалитетот на натпреварувачите. Истакна дека целта на трката е да се промовира здрав начин на живот, зачување на животната средина и редуцирање на користењето на моторни возила.
Најдобрите тројца натпреварувачи во секоја категорија, освен медали и признанија, добија и парични награди. Трката ја поддржаа Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Фондацијата за локален развој од Штип и дваесетина приватни компании од регионот.