Северна Кореја ѝ најави на Јапонија дека ќе лансира сателит

од Stefanija Kuzmanovska
282 прегледи

Северна Кореја го извести Токио дека ќе лансира сателит во наредните недели, соопшти јапонската крајбрежна стража.

Според агенцијата АП, ова може да биде обид на Пјонгјанг да го стави својот прв воен извидувачки сателит во орбитата.

Пјонгјанг ја известил јапонската крајбрежна стража дека проектилот ќе биде лансиран „помеѓу 31 мај и 11 јуни“ и треба да слета во област во близина на Жолтото Море, Источното Кинеско Море и источно од филипинскиот остров Лузон, изјави портпаролот на крајбрежната стража за „Франс прес“.

Јапонската крајбрежна стража издаде предупредување за безбедноста на бродовите во областа за тие датуми, поради можно паѓање на остатоци.

За да лансира сателит во вселената, Северна Кореја би морала да користи ракетна технологија со долг дострел, што е забрането со резолуциите на Советот за безбедност на ОН. Нејзините претходни лансирања на сателити за набљудување на Земјата се сметаа за тајни ракетни тестови, потсети АП.

Кабинетот на јапонскиот премиер Фумио Кишида на Твитер објави дека тој дал инструкции во врска со информациите на Северна Кореја за „лансирање на балистичка ракета што таа ја опишува како сателит“.

Кишида им нареди на министерствата и агенциите да соработуваат за да ги соберат потребните податоци и повика на соработка со јапонските сојузници, особено со САД и Јужна Кореја.

Јапонското министерство за одбрана одговори и им нареди на силите за воздушна одбрана да ја соборат секоја балистичка ракета за која ќе биде потврдено дека ќе падне во националните води.

За овие цели ќе бидат распоредени ракети-пресретнувачи СМ-3 и ракети Патриот ПАЦ-3, соопшти министерството за одбрана.

„Иако е опишан како сателит, лансирањето со технологија на балистички ракети би било кршење на безбедносните резолуции на Обединетите нации и сериозен проблем што ја загрозува безбедноста на луѓето“, рече Кишида.

Слични содржини