Повторно ќе има два часа евтина струја

од Nikola Popovski
406 прегледи

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски денеска информираше дека се враќа евтината тарифа на струја во дел од денот. Како што рече, ги прават последните анализи и ги следат случувањата на берзата.

-Некаде ќе биде во периодот од 11 до 16 часот, но точно кои два часа ќе ни покажат последните анализи, со цел да важи во период кога имаме реално најниски цени на пазарот на електрична енергија и во Македонија и во регионот. Очекуваме од операторот на дистрибутивниот систем да ни каже како ќе оди промената на софтверот на броилата, рече Бислимоски во изјава за медиумите.

Евтината струја беше укината кога земјава беше соочена со драматска енергетска криза и високи цени.

-Во наредните 15 денови ќе ја информираме јавноста како и кога ќе започне примената на евтината тарифа, посочи Бислимовски.

Тој додаде дека не е приврзаник на зголемување на цената на електричната енергија.

-Зголемување за 36% побара Електродистрибуција. ЕВН уште нема набавено струја и затоа нема доставено цена. Јас сметам дека поскапување не треба да има со оглед на големиот број фотоволтаици кои ги имаме, кажа првиот регулатор.

Слични содржини