„Во наредните денови ќе се одржи средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на која ќе разговараме за две клучни теми. Првата е одлуките кои што треба да бидат донесени со цел продолжување на евроинтеграциите на нашата држава, односно да обезбедиме глас за Европска Македонија и второ за односите со соседите и за пристапот кој треба да го имаме како држава во однос на градење на добрососедски односи со сите наши соседни држави“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5 дадено од Братислава.
Тој додаде дека неуспехот на уставните измени ќе значи изолација на земјата како до 2016 година, кога според слободата на медиумите бевме 130 во светот а сега сме 38- ми во светот, кога владеењето на правото беше тотално нарушено.
„Нашите граѓани сакаат да живеат во ЕУ и тоа се покажало низ историјата, сега во Братислава, тука не можело да се замисли да дојде некој од нашата држава да работи во минатото бидејќи ние сме имале подобар стандард. Денес ако прошетате во Братислава ќе сретнете Македонци кои што работат во Братислава затоа што имаат повисок стандард. Словачка има повисок стандард само затоа што се дел од ЕУ. Бидејќи ЕУ е пазар од половина милијарда луѓе, еден од најбогатите пазари во светот, кога вашите компании работат на заеднички пазар од половина милијарда луѓе, тогаш нормално дека економијата напредува“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека има пратеници во ВМРО-ДПМНЕ кои се за продолжување на евроинтеграциите на државата и кои сметаат дека гласот за ЕУ е најважниот во моментов за државата.