Објавена прогноза за летото: Балканот под голем ризик од невреме и поплави

од Nikola Popovski
716 прегледи

Метеоролозите на „AccuWeather“ ја објавија временската прогноза за претстојното лето во Европа, вклучувајќи ја и прогнозираната состојба на Западен Балкан. Поголемиот дел од Европа може да се соочи со суша, но на Балканот се очекуваат бури и следствено поплави.

На северната хемисфера летото ќе започне на 21 јуни, приближно три недели по почетокот на метеолошкото лето на 1 јуни. Летното време ќе започне брзо низ централна и северна Европа, додека југоисточните области би можеле да доживеат побавен премин кон новата сезона, пренесува „Кликс.ба“.

Со оглед на тоа дека 2021 и 2022 година ги урнаа сите рекорди за најжешкото лето забележано на европскиот континент, многумина се прашуваат дали и 2023 година ќе биде година на рекордни жештини.

Иако во април оваа година Шпанија веќе постави рекорд за највисока априлска температура досега забележана во Европа, метеоролозите не очекуваат дека 2023 година ќе биде уште една година на екстреми.

„Екстремните горештини се очекува да бидат поретки низ континентот во споредба со последните години. Ќе има моменти кога ќе стане жешко, но тешко дека ќе се повтори екстремната рекордна топлина од минатото лето“, вели метеорологот Тајлер Ројс.

Сепак, она за што предупредува „AccuWeather“ се потоплите ноќи од вообичаеното со температури кои имаат тенденција да бидат над историскиот просек за лето во Европа.

Источна Европа, пак, е безбедна во овој поглед бидејќи се очекува температурите да бидат блиску до историскиот просек и без топлотни бранови. Тука спаѓаат Унгарија, Романија и Србија.

Се очекува летото да биде посуво и потопло во споредба со историските просеци, што може да предизвика проблеми со пожарите во Скандинавија, која не е изградена да се справува со такви временски шеми.

Јуни и јули ќе бидат најсушни месеци, по што може да се очекува олеснување од врнежите.

Оние на кои најмногу им требаат врнежи, како што се Шпанија и Италија, се чини дека нема да добијат олеснување оваа година.

„AccuWeather“ ги истакнува северна Франција, Германија, Полска и балканските држави како коридор кој најверојатно ќе се соочи со почести врнежи и полоши временски услови во споредба со остатокот од Европа.

„Врнежите треба да бидат блиску до историскиот просек за голем дел од овој регион, што ќе биде добра вест за земјоделските култури низ Балканот“, вели Ројс.

Сепак, на Балканот, невремето може да резултира со значителен ризик од поројни поплави бидејќи врнежите се зголемуваат над историскиот просек за оваа сезона.

„Зоната од северна Франција до Балканот е изложена на најголем ризик од тешки временски услови во однос на грмотевици кои можат да предизвикаат силен ветер и град“, рече Ројс.

Сепак, тоа не значи дека на Балканот се губи секаква надеж дека ќе уживаме во летните планови и годишните одмори бидејќи сигурно ќе има убави и сончеви денови.

Слични содржини