Во однос на цените на прехранбените производи утврдено е дека речиси сите се намалени согласно владините мерки и нема да важи повеќе замрзнувањето. Ние веќе кажавме дека нема да важат мерките, но ако одредена компанија и сектор вештачки ќе се обиде да ги зголеми цените, институциите ќе влезат во функција и тоа нема да биде дозволено, рече денеска министерот за економија, Крешник Бектеши.
Тој денес се осврна и на германскиот Завод за статистика кој ги објави податоците како Македонија се справува со цените на прехранбените производи.
-Не се повикувајте на податоците на Владата, туку на германскиот Завод. Ако не веруваме на германскиот Завод, тогаш имаме општествен проблем, истакна Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, не се предвидуваат мерки, туку ќе важат сите одредби од Законот за пазарна инспекција, УЈП, финансиска инспекција и Законот за заштита на потрошувачите кој што е усогласен со директивите на УЈП.
-Инспекциите мора да ги вршат контролите согласно тоа што е донесено како одлука на Владата, рече министерот.
Податоците на германскиот завод за статистика Дестатис покажаа дека Северна Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории.