„Ромалитико“ бара да им се даде можност на лицата кои немаат свој дом да извадат лична карта за да не повтори случајот со Камбер

од Nikola Popovski
416 прегледи

Институт за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ предупредува Мемет Камбер за жал не е прва жртва на системот. Покрај него постојат и други примери на лица кои го загубиле својот живот или се соочиле со сериозни потешкотии во процесот на добивање здравствена заштита.

-Моментално имаме околу1000 без документи кои под закана да ја имаат истата судбина како Мемет. Мемет како сиромашно лице немал лична карта затоа што не можел да пријави адреса бидејќи живеел во дом кој е дивоградба. Што значи ова и какви проблеми произлегуваат од оваа состојба?

Најпрво, ромските населби се соочуваат со проблемот на влез на населбите во урбанистичките планови. За да може еден дом да се легализира потребно е населбата да е дел од ДУП и/или ГУП. Предлог Законот за легализација на бесправно изградени објекти не успеа да ја реализира својата цел и да обезбеди легализација на домовите на овие сиромашни семејства, туку честопати беше користен за други цели. Проблемот со легализација покрај тоа што им го оневозможува уживањето на основни човекови права, дополнително ја доведува ромската заедница во состојба каде што не можат да го докажат правото на сопственост врз земјиште и оваа состојба се пресликува на идните генерации со можност/закана за нивно иселување, но исто така им создава потешкотии во пристапот до комунални услуги (вода и електрична енергија). Поради овие проблеми потребно е итно да се изготви и изгласа законско решение кое ќе им овозможи основни услови за живот за оваа категорија граѓани, велат од Институтот.

Посочуваат дека конкретно за лица кои немаат документи, решение може да биде и алтернативна можност за пријава на адреса во Центарот за социјални работи или општината.

-Време е да се извршат промени во Законот за лична карта и Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште и да се даде можност на лицата кои немаат свој дом, да може да извадат лична карта. Покрај лицата без документи, поради проблемите со урбанизација и легализација, моментално постојат и лица кои не може да ја обноват личнатакарта и за кои исто така треба да постои решение.

Остварувањето на здравствената заштита е човеково право а неможноста за пристап до здравствена заштита е прекршување на човеково право. Апелираме итно формирање на работна група во Владата која ќе работи на решенија и итно усвојување на потребните измени за пристап до лична карта и други документи. Тагата е неизмерна, меѓутоа не треба да дозволиме да имаме уште вакви случаи, стои во соопштението на „Ромалитико“.

Слични содржини