Министерот за економија, Крешник Бектеши денеска порача дека Регулаторната комисија за енергетика најверојатно нема да ги прифати барањата на енергетските компании за зголемување на струјата од 13 отсто.
-Претходната година енергетските компании бараа зголемување, ако се сеќавате, на 78 отсто, па надминаа некои компании и над 100 отсто. Не е важно колку бараат тие. Важно е колку ќе се одобри од страна на РКЕ и која ќе биде цената која ќе ја утврди Владата на ЕСМ која ќе го даде кон универзалниот снабудвач. Цената која ја нуди ЕСМ кон ‘ЕВН хоум’ се разгледува на затворена седница на Владата. Откако ќе имаме барање од страна на ЕСМ ќе бидете известени навремено, но тоа ќе биде согласно интересите на граѓаните и на државата во целина и заштита на животниот стандард во нашата држава, рече Бектеши.
Како што очекува Бектеши, нема да се прифати цената што би можела да ја бара ЕСМ.
Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски вчера изјави дека веќе добиле барања од операторите за цената на струјата, а доколку сите тие бидат прифатени, нејзиното зголемување од 1 јули ќе биде за 13 отсто.
На прашањето колкаво е влијанието од враќањето на стапката на ДДВ од 18 отсто во цената на струјата, Бислимоски рече дека РКЕ носи одлуки без ДДВ и оти ќе се задржи на делот што го регулираат.
Колку ќе изнесува новата цена на струјата и за колку евентуално таа ќе поскапи, треба да се знае до 20-ти јуни.