Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска го отвори настанот „За повеќе детски насмевки” кој што има за цел промоција на згрижувачки семејства. На настанот се обратија и градоначалникот на Струмица, Костадин Костадиновски и националната директорка на СОС Детско село – Македонија Г-ѓа Јулијана Гапо.
„Правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа ќе им овозможи на децата креирање на безбедна семејна средина и планирана иднина, но и развивање на личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината. Децата во згрижувачки семејства добиваат дом, чувство на нормалност и идентитет како дел од семејна единица” рече Тренчевска.
Министерката истакна дека згрижувањето му дава на детето можност да развие емоционална поврзаност, доверба, самопочит и можност да научи вредни животни вештини.
„Министерството за труд и социјална политика постојано се залага и го поддржува процесот на понатамошно зајакнување на системот за згрижување деца. И покрај постигнатиот значителниот напредок, потребни се дополнителни напори за да се идентификуваат повеќе згрижувачки семејства низ целата земја. За таа цел изминатата година Министерството ја поддржа кампањата на СОС Детско село, а оваа година со поддршка на УНИЦЕФ се спроведува кампања насочена кон мобилизирање на нови згрижувачки семејства, со фокус на итни и специјализирани згрижувачки семејства кои можат да обезбедат специјализирана грижа за деца под специфичен ризик” посочи Тренчевска.
На крајот од своето обраќање министерката истакна дека се обраќа од аспект на лична заложба и посветеност за зголемување на бројот на згрижувачи. И истакна дека успешноста на процесот на деинституционализација може да се потврди само преку бројот на детски насмевки.