На маргините на дијалогот Шангри-ла, безбедносен самит што викендов се одржува во Сингапур и на кој учествуваат министри за одбрана, високи воени функционери и експерти за одбрана, се одрѓа таен состанок на шефовите на 20-те најмоќни тајни служби, објави Ројтерс, повикувајќи се на пет неименувани извори.
Како што пишува новинската агенција, средбата била дискретно организирана од владата на Сингапур на посебна локација, целосно неповрзана со дијалогот Шангри-ла, а такви шпионски самити таму се одржуваат веќе неколку години, но јавноста нема никакви информации за нив…барем до сега.
Американците беа претставени од нивниот директор на Националната разузнавачка заедница Аврил Хејнс, а меѓу учесниците беше и шефот на кинеското разузнавање, што е значајна информација во време кога има значителни тензии меѓу САД и Кина. Индиски извор потврди за Ројтерс дека на самитот бил и шефот на индиската контраразузнавачка служба Самант Гоел.
Таму шпионите можат отворено да зборуваат
„Овој состанок е едно од најважните места за собирање на меѓународната разузнавачка сцена. Имајќи ги предвид земјите кои се застапени, тоа во никој случај не е средба на која се презентираат најновите методи на работа“, изјави еден познавач на содржината на шпионскиот самит.
Тој извор објаснува за Ројтерс дека учесниците овде имаат можност поотворено да разговараат за теми кои во моменти на тензични односи меѓу државите може да бидат премногу тешки за дипломатите или на некои формални состаноци. Овој формат е можност за длабинско разбирање на намерите и целите на одделните земји.
Портпаролот на Министерството за одбрана на Сингапур начелно потврди дека учесниците на дијалогот Шангри-ла, меѓу кои има и високи разузнавачи, ја користат можноста да се сретнат со своите колеги. „Министерството може да помогне во организирањето на некои од билатералните или мултилатералните средби на маргините на Дијалогот, а досегашните средби се покажаа како корисни“, додаде портпаролот.
Американците појма немаат, Кинезите молчат
Американската амбасада во Сингапур соопшти дека нема информации за шпионскиот самит, а владите на Кина и Индија официјално не одговориле на прашањата на Ројтерс.
Оваа агенција наведува дека, на пример, сосема е вообичаено да се сретнат шефовите на разузнавачките служби на САД, Британија, Канада, Австралија и Нов Зеланд бидејќи учествуваат во т.н. мрежа Five Eyes, во рамките на која тие меѓусебно споделуваат широк опсег на собрани податоци.
Од друга страна, средбите на толку голем број шефови на тајни служби, кои се директно насочени еден против друг, се доста ретки и речиси никогаш нема информации за нив во јавноста.
Што беше на дневен ред и кој ги претставуваше Русите?
Иако не протекоа многу и од овој самит во Сингапур, еден извор потврди за Ројтерс дека руската војна во Украина и прекуграничниот криминал биле меѓу темите. Како што забележува изворот, тоа бил дневниот ред во петокот, додека во четвртокот разузнавачите имале неформален собир.
Друг извор потврди дека никој не ја претставувал Русија на самитот, барем тој не го кажал тоа, додека украинскиот заменик министер за одбрана Володимир Хаврилов, кој учествувал во дијалогот Шангри-ла, потврдил дека не отишол на средбата со разузнавачите.
Трет извор тврди дека општиот тон на состанокот не бил конфронтативен, туку дека учесниците биле доста кооперативни.
Директорот на ЦИА бил тајно во Пекинг
На Дијалогот Шангри-Ла, за време на панел дискусија за сајбер безбедноста, Аврил Хејнс, како одговор на прашање од кинески офицер, изјави дека соработката меѓу САД и Кина е од суштинско значење. „Тоа е клучно, дури и кога има недоверба, дури и кога имаш противник од другата страна. Мора да се обидете да го премостите тоа и да соработувате за прашања од заеднички интерес и во исто време да се обидете да ја надминете опасноста од ескалација“, додаде таа.
Вашингтон во петокот потврди дека директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, минатиот месец престојувал во тајна посета на Кина, каде што разговарал со највисоките разузнавачки претставници во време кога администрацијата на претседателот Џо Бајден, по серија турбуленции, се обидува да ја зајакне комуникацијата со Пекинг.