Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна и годишните анкети за корупција во рамки на проектот што го нарековме „Бистро-Матно“.
Проектот имаше голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со нејзе. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАЈ 2023 година
ДКСК Антикорупциска: Недостасуваат делови од договорот со „Бехтел и Енка“
Aнтикорупционерите не го добиле целосниот договор со „Бехтел и Енка“ од Владата и во доставената документација недостасуваат прилози кон договорот. Од Антикорупциската комисија се обратиле до Владата од каде биле информирани дека е истата документација која била испратена до Собранието. Што точно има во деловите кои недостасуваат не може да проценат и не ја искучуваат можноста да испратат допис до премиерот и генералниот секретар на Владата. Антикорупционерите поседуваат безбедносни сертификати со кои им е овозможено да го добијат целосниот договор и покрај клаузулата за доверливост.
Државен завод за ревизија: ДЗР со неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Агенцијата за филм
Финансирањето на проекти во филмската дејност е без јасни критериуми за спроведување на постапката за избор на филмски проекти и извршени се исплати без поткрепувачка документација во вкупен износ од околу 24 милиони денари, констатирал Државниот завод за ревизија во последниот извештај за Агенцијата за филм за 2021 година.Со ревизијата опфатени се 15 филмски проекти и 4 филмски фестивали од национален интерес кои се финансирани од страна на Агенцијата во повеќе Годишни програми почнувајќи од 2017 година, за кои во 2021 година се исплатени средства во вкупен износ од 116 милиони денари.
Во врска со овој случај по кој постапуваше и Транспаренси Интернешнел Македонија (https://transparency.mk/2023/03/14/transparensi-interneshnl-makedoni%d1%98a-konstatira-sudir-na-interesi-vo-rabote%d1%9aeto-na-agenczi%d1%98ata-za-film) се уште недостасува официјална реакција од институциите кои треба да ги проверат наводите во извештајот на ДЗР од аспект на повреди на повеќе закони, вклучително и на Кривичниот законик, Законот за спречување на корупцијата и Законот за филмска дејност.
Судски Совет: Исклучени камери, кривична пријава и тужба до Управен суд
Новиот претседател се обиде да ги исклучи камерите од Судскиот совет за да имале услови за работа
Новиот претседател Сашо Георгиев се обиде да забрани снимање на седницата на Судскиот совет. Тој рече дека негов предлог е да се исклучат камерите и да се извадат надвор, а во салата да останат само новинарите. На ова реагира разрешената претседателка Весна Дамева, која рече дека е изненадена од одлуката и му порача дека не може да ги исклучува камерите. Георгиев во текот на дискусијата исклучувањето на камерите го правдаше со став заземен на колегиум.
Драмата од Судски совет се сели во обвинителство: Дамева со кривична пријава за нејзиното разрешување и тужба до Управен суд
Холандија ја прекина подршката за Судски совет бидејќи гледаат корупција
Кралството Холандија стави во мирување голем проект со Судскиот совет. Ова во итнервју за Радио слободна европа го откри Амбасадорот на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, НЕ г-дин Дирк Јан Коп, кој оценувајќи ги последните случувања во Судскиот совет изјави дека истиот се претворил во нелигитимно тело.
Дали врховен судија и член на Судски совет биле корумпирани – истрага има, но во скопско обвинителство откако тимот на Ислам Абази се прогласил за ненадлежен
Претставката за корупција која лани на крајот на годината стигнала во судскиот совет е жива, а за наводите во неа, дека врховен судија од Штип и член на судски совет земале корупција за судски предмети и „бирале“ кадри за Академијата за судии и обвинители, има најмалку две предистраги. Обвинителството за Телма потврди дека претставката од Судскиот совет е препратена кај нив. Прво е пратена во обвинителството за гонење на организиран криминал, но таму сметале дека не се надлежни и го препратиле на скопското обвинителство.
Извештај на “Фридом хаус“: За Македонија, најниска оценка за корупција
Македонија има напредок, но и политичка дисфункција, вели најновиот извештај „Нации во транзиција“ на „Фридом хаус“.Организацијата со седиште во Вашингтон, која е фокусирана на човековите права и промовирање на демократските вредности, нотира дека Македонија е најдобро пласирана од сите држави од Западен Балкан, има резултат од 48 поени од можни сто, но сепак државата и понатаму е во групата на транзициски или хибридни режими.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАЈ 2023 година
Сите бистри настани се поврзани со активностите на Министерството за внатрешни работи кое во текот на месец Мај 2023 година информираше за реализирани случаи и поднесени кривични пријави за кривични дела од областа на корупцијата. Со зголемената реализација на МВР граѓаните се охрабруваат да пријават случаи на барање и примање поткуп и други дејствија на коруптивно однесување.
Кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување против поранешни раководни лица од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор
Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава против десет лица вработени во Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, поради постоење на основано сомнение за сторенo кривичнo делo „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 став 5 од КЗ.
Кривична за раководителот во „Водостопанство“ кој примил мито
Единицата за Корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против лице во својство на раководител на сектор во АД „Водостопанство“ поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, казниво по член 357 од Кривичниот законик
Припадничката на АРМ осомничена за барање поткуп доби 30-дневен домашен притвор
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи поднесе до Основното јавно обвинителство Скопје, кривична пријава против вработена во Министерството за одбрана, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп”, казниво по член 357 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи. „Пријавената, вработена во Министерството за одбрана, од друго лице, исто така, вработен во Министерството за одбрана, побарала и примила поткуп во износ од 2.400 евра за да му среди да биде избран на курсот за офицери кој бил објавен во март 2023 година.
Кривична против велешанец, при апсење понудил по 30.000 денари на полицајците
Отсекот за економски криминал при СВР Велес поднесе кривична пријава против лице од Велес, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично „давање поткуп“, казниво по член 358 од Кривичниот законик, извести МВР. На 13.05.2023, тој бил лишен од слобода и при движење кон Полициската станица во Велес на полициските службеници им понудил по 30.000 денари да го ослободат, соопшти МВР.
Кривична пријава за полициски командир во Виница
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР во координација со надлежен јавен обвинител од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против полициски службеник – командир на Полициското одделение за безбедност во патниот сообраќај Виница при ОВР Виница, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по член 353, став 1 од Кривичниот законик.
Овој документ е подготвен од Транспаренси Интернешнл – Македонија со поддршка на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, поддржан од Европската Унија. Мислењата изразени во овој документ не ги изразуваат ставовите на Европската Унија.