Италијанскиот кардинал Матео Зупи, кој беше задолжен од папата Франциск да изврши мировна мисија и да се обиде да помогне да се стави крај на војната во Украина, денеска и во вторник ќе престојува во Киев, се наведува во соопштението на Ватикан.
„Ова е иницијатива чија главна цел е детално да ги сослуша украинските власти за можните начини за постигнување праведен мир и да обезбеди човечка поддршка со цел да се намалат тензиите“, се вели во соопштението на Ватикан, пренесува „Ројтерс“.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година, папата Франциск се понуди да дејствува како посредник за мир, но неговите напори досега беа неуспешни.
Кардиналот Зупи доаѓа од Католичката заедница Сант Егидио, мировна организација со седиште во Рим, која во 1992 година посредуваше за договор за ставање крај на граѓанската војна во Мозамбик, во која загинаа околу еден милион луѓе, а дури четири милиони беа раселени, пренесува „Танјуг“.