Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска истакна дека поканата за лидерска средба била испратена до ВМРО-ДПМНЕ за да го одберат начинот и форматот во која таа ќе се одвива.
-Тие со фикции се занимаваат цело време. Поканата е испратена до ВМРО-ДПМНЕ во која форма сакаат да биде и тие го избраа форматот. Ќе се разговара на две теми од кои зависат интеграциите на државата. Досега имам кажано дека во земјава има два концепти – едниот за европска македонија и другиот кој го предводи Левица за изолирана македонија. Се надевам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се надмине себеси и ќе поддржи одлука за интеграција на државата, рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање, после увидот на рехабилитација на пат Демир Капија-Неготино.
Премиерот уште еднаш повтори дека изборот е меѓу интеграција или изолација.
-Очекувам да поразговараме отворено за сите аспекти на овие две теми. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик за тоа на кој начин ќе продолжиме кон интеграција, додаде Ковачевски за лидерската средба која е закажана за во среда во Клубот на пратеници.