Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Уставот нема да се отвори

од Nikola Popovski
391 прегледи

Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени. Ова беше соопштено од најголемата опозициска партија на средбата на претседателот на партијата Христијан Мицкоски со пратениците од коалицијата.

-Уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани. Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани, велат пратениците преку соопштение.

Порачуваат дека македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат  европската интеграција на државата, но, како што велат, тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности.

Претходно денеска владината прес-служба соопшти дека лидерската средба меѓу владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ е закажана за в среда, а нејзините теми се „одлуките што мора да се донесат во парламентот на Северна Македонија за да продолжи европска интеграција на земјата, како и пристапот на државата, институциите и сите политички сили во насока на градење и одржување на добрососедски односи со сите соседи“.

Форматот ќе биде тет-а-тет меѓу Ковачевски и Мицкоски.

Слични содржини