Првиот човек во здравство, Фатмир Меџити денеска повтори дека нема политика позади разрешувањето на директорот на Кардиохирургија, д-р Сашко Јовев.
-Апсолутно не. Секаде каде што ќе има злоупотреби, со мене како министер, ќе има и санкции. Затоа ве повикувам во 15 часот ќе има брифинг со новинарите и ќе бидете известени за сите детали, рече Меџити како одговор на новинарско прашање.
Додаде дека се утврдени нерегуларности во работењето на Клиниката за кардиохирургија, откако стигнале информации до Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).
Големи реакции во јавноста предизвика разрешувањето на Јовев, откако Меџити вчера соопшти дека „нема да дозволи директори кои седат и спијат по 5 и 10 години и немаат никакви резултати“.
Според министерот, д-р Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и тие ќе предложат друго име.
-Ова се транзициски позиции и нема овде никој бесмртен да биде, ниту јас, ниту директорите, кажа Меџити.
Јовев е познат по тоа што го предводеше тимот што ги изврши првите трансплантации на срце во Македонија. Тој вчера во изјава за медиумите извести дека дека една од причините за неговото разрешување е што одбрал датум за јавен настан кој бил предложен од премиерот Димитар Ковачевски, а не од министерот Меџити.