Блокиран патот Градско – Прилеп, се бара итна санација на сифонот „Макарија “

од Vladimir Zorba
180 прегледи

И денеска е блокиран регионалниот пат Градско – Прилеп. Со протест се бара итна санација на оштетениот сифон Макарија на хидромелиоративниот систем „Тиквеш“. Блокадата ќе остане до 13 часот, а се пропуштаат итни случаи.

Учесници на протестот изјавија дека се револтирани поради проблемот со каналот за наводнување. Тие бараат најбрза санација, како и алтернативен начин за наводнување, додека се врши санацијата. Затоа што, како што нагласуваат, загрозени им се земјоделските култури и нивната егзистенција.

Претседателот на месната заедница Сирково Веле Коцев информираше дека бараат вонредна седница на Совет на Општина Росоман, прогласување на елементарна непогода и алтернативно решение за да се спаси сезоната. Блокадите ке траат до изнаоѓање на решение.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера ги информираше земјоделците од општина Росоман дека заеднички со другите институции во изминатиот период активно работеле на изнаоѓање решение за отстранување на дефектот настанат на сифонот Макарија.