Марфи: Курти ги загрозува НАТО војниците со своите дејствија на северот на Косово

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Американскиот сенатор Крис Марфи синоќа изјавил дека одлуките на косовскиот премиер Албин Курти во врска со дејствија на северот на Косово во последните 30 дена ги ставиле американските и другите војници на НАТО во непотребна опасност, објави приштинскиот портал „Репортери“.

Во интервју за Атлантскиот совет, Марфи рекол дека тоа нема да донесе ништо добро за Косово кога станува збор за меѓународното финансирање.

-Кога Курти одлучи да се одржат избори на северот на Косово, имаше смисла градоначалниците да положат заклетва, но не верувам дека беше неопходно тие да имаат пристап до општинските згради, во акција за која владата во Приштина знаеше би предизвикала реакција која би станала насилна, рече Марфи.

-Мислам дека одлуките на Приштина сега непотребно ги загрозуваат припадниците на НАТО. Тоа е нешто што Конгресот никогаш нема да биде заинтересиран да го финансира бидејќи американските трупи, трупите на НАТО, се изложени на непотребен ризик, додал тој.

Марфи изразил незадоволство поради тоа што Косово и Србија уназадиле на патот кон нормализирање на односите, по последните настани во општините на северот.

-Видовме многу напредок и ветувања со Охридскиот договор, чија цел беше да се дефинира патот по кој Србија и Косово можат да стигнат до нормализација, но сега сме далеку од тој пат, кажал Марфи.

Тој оценил дека граѓаните на двете земји бараат да се вратат на планот и на отстапките кои се неопходни – Косово да формира Заедница на српски општини, а Србија да не го спречува Косово да добие меѓународно признавање.

Според него, за Косово е добро да има добри односи со Србија, бидејќи само така Приштина ќе може да влезе во НАТО и ЕУ.

-Мислам дека е многу важно Курти да донесе тешки одлуки, да постигне мир и да го започне патот на нормализацијата со Србија. Добро е за неговиот народ, добро е Косово da има понормални односи со Србија и да може во добра вера да аплицира за членство во НАТО и ЕУ, што не може да се случи ако продолжи да има таков однос на поделба со Србија, предупредил Марфи, пренесува „Косово онлајн“.

Додал дека неговата порака е едноставна.

„Моите гласачи нема да бидат толку подготвени да испратат пари во регионот доколку не видат дека лидерите преземаат разумни чекори неопходни за одржување на мирот“, рекол Марфи.

Слични содржини