Кинескиот МНР: САД да не се мешаат во внатрешните работи на Кина

од Stefanija Kuzmanovska
189 прегледи

Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг изјави денеска во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека САД треба да престанат да се мешаат во внатрешните работи на неговата земја, се наведува во соопштението на кинеското министерство за надворешни работи.

Разговорот меѓу двајцата високи функционери се одржа пред планираната посета на Блинкен на Пекинг, чија цел е да се стабилизираат заладените односи меѓу двете земји за повеќе прашања, од наводи за шпионажа до конфликти со полупроводници, пренесува „Ројтерс“.

За време на разговорите, Чин рече дека се надева оти САД ќе покажат разбирање, ефикасно ќе управуваат со разликите и ќе промовираат комуникација и соработка.

Чин, исто така, истакна дека САД треба да ги почитуваат клучните грижи на Кина, како што е проблемот со Тајван, и изрази надеж дека кинеско-американските односи ќе се стабилизираат и ќе се вратат на патот на здрав и стабилен развој.

Кинеското министерство за надворешни работи допрва треба да објави информации за патувањето на Блинкен, но американски официјален претставник минатиот петок изјави дека американскиот државен секретар ќе биде во Пекинг на 18 јуни, без да даде дополнителни детали, пренесува „Ројтерс“.

Блинкен го откажа планираното патување во Пекинг во февруари поради наводен кинески шпионски балон кој леташе над територијата на САД.

Слични содржини