Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико“ информира дека починатото тело на младиот Мемет Камбер денес ќе биде предадено на роднините.
Бидејќи телото ќе биде предадено, известуваат дека најавениот протестот пред Собранието нема да се одржи, но „Ромалитико“ ќе продолжи и понатаму гласно да ја застапува проблематика, да бара измена на потребната законска регулатива и доследно третирање на овие лица од сите институции.
-„Ромалитико“ очекува од пратениците на Собранието денес да ги разгледаат понудените измени и дополнувања во Законот за матична евиденција, да ја сфатат ургентноста на решавањето на прашањето на лица без извод од матична книга на родени и понатака да ги усвојат измените. Им благодариме на медиумите за нивната проактивност и очекуваме од нив и понатака да бидат заинтересирани за оваа проблематика. Ваквите случаеви да не се повторат, апелираа од Институтот.
Според информациите, погребот на Мемет ќе се случи денес во 14 часот на градските гробишта во Бутел.
Деветнаесетгодишниот Мемет Камбер почина на 24 мај на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ). Мемет не е во групата на невидливи лица за државата, бидејќи тој има извод и е запишан во матичната книга на родените. но не поседувал здравствена книшка и немал можност редовно да оди на здравствени прегледи. Починал поради нетретиран дијабетес, бидејќи немал пристап до здравствени услуги заради некомплетна лична документација.