Косовскиот премиер Албин Курти побара итно ослободување на тројцата косовски полицајци и оцени дека таа акција на Србија „е агресија врз Косово“.
„Тоа беше агресија врз нашата демократска држава. Одмазда против полицијата која се бори против криминалот и намерата за ескалација и дестабилизација, бидејќи предложивме план од пет точки за деескалација и нормализација“, рече Курти по утринската седница на Косовскиот совет за безбедност.
Тој додаде дека Србија ја загрозила границата на Косово и дека тоа ја принудува владата да ги зајакне граничните контроли.
„Во зависност од анализите и проценките на безбедносните институции, тие може да вклучат и запирање на сообраќајот во случаи кога се проценува дека тие можат да претставуваат ризик. Понатамошни активности ќе бидат преземени врз основа на препораките на надлежните институции“, рече Курти.
Тој побара ослободување на тројца полицајци за кои оцени дека се киднапирани и ја повика меѓународната заедница да го осуди тој чин како „српска агресија“, како и да изврши притисок врз официјален Белград.
Курти го оцени како чуден молкот на меѓународната заедница.
„Србија не ги промени своите намери, мотиви и апетити. Не дека не изненадува со своето однесување. Она што е чудно е молкот и толеранцијата на меѓународните фактори кон постапките на Србија, која постојано бара изговори за ескалација и дестабилизација. Киднапирањето на тројца полицајци е најјасен доказ за тоа“, рече Курти.
Косовската полиција ги обвини српските сили дека на 14 јуни напладне киднапирале тројца полицајци додека патролирале во градот Тресаве/Баре, општина Лепосавиќ, на граничната линија на Косово.
Официјален Белград тврди дека инцидентот се случил повеќе од еден километар на територијата на централна Србија.