Блерим Даци кој вчера беше убиен во Приштина е македонски државјанин. Oва го потврди денеска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. За ова лице, според евиденцијата во Основниот кривичен суд Скопје, имало распишано меѓународна потерница како осомничен за недозволено изработување, држење и тргување со огнено оружје.
Од Основниот кривичен суд ја потврдија информацијата дека Даци бил во куќен притвор. Мерката му била определена лани во ноември, но никогаш не бил приведен.
Обвинителниот акт против него е во правна сила од април годинава и на крајот од мај било одржано првото рочиште за главна расправа, на кое обвинетиот не бил присутен, а до судот не било доставено известување дали тој им е достапен на органите на прогонот.
Дел од медиумите објавија дека Даци се поврзува со двојното убиство во „Шиша бар“. Ова се неофицијални информации, за кои нема потврда, ниту демант од македонските надлежни институции.
Косовскиот портал „Индекс онлајн“, покрај тоа што објави дека лицето е Блерим Даци, објави и дека тој имал лажен пасош на име Блерим Шабани.
Во соопштението на косовската полиција се наведува дека засега не успеала да ги идентификува убијците на Даци.
„Во 20 часот е пријавено е дека осомничените, се уште непознати лица, пукале во жртвата, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегле на местото на настанот, а од страна на надлежниот лекар било констатирано дека лицето во автомобилот не давало знаци на живот. На околу километар од местото на инцидентот бил пронајден опожарен автомобил со германски регистарски таблички, со кој пријавените побегнале од местото на настанот“, се наведува во полицискиот извештај.
По наредба на државен обвинител телото на жртвата е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина.