Премиерот Димитар Ковачевски синоќа од Струга порача дека нашата земја стана фактор на стабилност и безбедност во Европа и дека 2030 година реално ја гледа како остварлива цел за полноправно членство во Европската унија (ЕУ).
„Денес земјите-членки на ЕУ, НАТО и САД ја гледаат Северна Македонија како фактор на стабилност и безбедност во Европа. Поради сето тоа, денес реално ја гледаме 2030 година како остварлива цел за полноправно членство на земјата во ЕУ“, рече Ковачевски на официјалното отворање на третиот Преспа Форумот за дијалог.
На панелот „Пет години по Договорот од Преспа: предизвиците претворени во можности“, тој посочи дека Северна Македонија покажала дека ниту еден искрен напор не е залуден.
„И кога велам дека има доказ, тогаш најдобар доказ е Договорот од Преспа, кој пред пет години беше решение за билатерален спор, а денес е модел за идни перспективи“, рече Ковачевски.
Премиерот оцени дека одржливи решенија се постигнуваат на масата на која се води дијалог, меѓу лидери кои имаат политичка волја да се разберат за доброто на својот народ и својата земја.
„Со договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка. Со ова покажавме применлив и функционален пример за разрешување на кризи, кој има посебно значење во денешниот геополитички контекст на настани, за решавање на слични предизвици со кои се соочува регионот и Европа денес“, рече Ковачевски.
Третиот Преспански форум за дијалог се одржува и денес во Струга, на петгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, со учество на повеќе претседатели, премиери и министри од регионот и Европа, како и претставници на меѓународни и граѓански организации.