Сите системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, кои САД ѝ ги дадоа на Украина во април, функционираат и покрај тоа што Русија го тврди спротивното, изјави во вечерашниот говор украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Тие се уште се на бојното поле, оперативни се и соборуваат руски ракети, најефикасно што можат. Ниту еден систем за противвоздушна одбрана Патриот не е уништен“, изјави Зеленски, пренесува лондонски „Гардијан“.
Се чини дека коментарите на украинскиот претседател се одговор на тврдењата на рускиот претседател Владимир Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург минатата недела, кога тој сугерираше дека Москва уништила пет системи „Патриот“ во близина на Киев.
Зеленски им се заблагодари на „бранителите на украинското небо“, вклучително и украинските пилоти, велејќи дека во текот на изминатата недела извршиле повеќе од 100 координирани напади врз непријателските позиции и позадината и уништиле речиси триесет проектили и педесет беспилотни летала.