Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел, ги повика српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти на итен кризен состанок во четврток, 22 јуни.
Курти ова го потврди за приштинските медиуми, наведувајќи дека Брисел се предомислил за датумот.
„Побарав итен состанок истата недела и предложив план од пет точки. Но стигна покана дека средбата ќе се одржи следната недела, прво рекоа 22 јуни, па рекоа 23-ти, па пак 22-ри. Ќе разговарам со мојот тим и ќе им одговориме на почетокот на неделата“, рече Курти.
Од Службата за надворешни работи на ЕУ се уште нема официјална потврда дека на средбата ќе дојдат претставниците на Србија и Косово.
Во Брисел очекуваат позитивен одговор и се надеваат дека ќе успеат да организираат трилатерална средба или дека Александар Вучиќ и Албин Курти ќе се договорат директно да разговараат.