Водачот на потрагата: Ќе ја бараме подморницата се додека има шанси патниците да се живи

од Stefanija Kuzmanovska
375 прегледи

Не е познато од каде потекнуваат звуците на удари кои канадскиот авион ги детектираше вчера, изјави контраадмиралот Џон Могер од американската крајбрежна стража, кој ја предводи потрагата за исчезнатата подморница.

Могер потврди дека сонди вчера детектирале звуци во водата, но истакна дека во овој момент не знаат дали доаѓа од подморницата Титан.

Во интервју за CBS News, тој рече дека има многу метал на локацијата што ја бараат и затоа е многу важно да се ангажираат поморски експерти кои ќе можат да објаснат од каде доаѓа бучавата и каква е нејзината природа.

„Но тој звук е наша цел, ние сме фокусирани на него“, додаде тој.

Могер рече дека потрагата ќе продолжи се додека има шанса патниците да се живи.

Повеќе бродови се приклучија на меѓународната мисија за пребарување, а потрагата од воздух продолжува, додаде тој.

Да потсетиме, подморницата Титан нурна во неделата наутро, но контактот со матичниот брод Polar Prince беше изгубен час и 45 минути подоцна.

Американските медиуми утринава објавија дека канадскиот авион П-3 детектирал звуци преку сонда. Тие ги опишаа како „звуци на удирање“ на секои 30 минути и повторно четири часа подоцна.

Експертите ја опишаа потрагата по подморницата како многу тешка и предизвикувачка, бидејќи истовремено се пребарува и површината на водата и дното на океанот.

Слични содржини