Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала побара од Западот да ја промени стратегијата, да испрати повеќе дипломати на Балканот и да заземе поостар став кон Србија.
Таа во интервју за австрискиот весник „Дер стандард“ го обвини пратеникот на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, дека има исти ставови како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој, според неа, охрабрува отколку да се деескалира ситуацијата на северот на Косово.
„Ескалацијата е резултат на погрешна стратегија. Претставникот на ЕУ за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак често ја зазема позицијата на Вучиќ. Ова не само што е смртоносно за посредување, туку и го охрабрува Вучиќ да ескалира. Ситуацијата е крајно опасна, а во земјата (Косово) има дури и трупи на Вагнер. Итно е потребна нова стратегија, вклучувајќи нови кадри, доколку сакаме да ја запреме ескалацијата“, рекла таа.
Косовскиот министер додал дека Западот не треба да дозволи некои „проблематични“ поединци да го вовлечат регионот во војна.
„Косово не може да изврши политичко самоубиство ниту за своите најблиски пријатели. Ние, како и Западот во целина, не смееме да дозволиме неколку проблематични дипломати да го втурнат регионот во војна во сојуз со полномошникот на Путин, Вучиќ. Во секој случај, ние ќе ја браниме нашата земја затоа што го браниме владеењето на правото и демократијата“, изјавил Гервала.
Таа оценила дека Западот мора прво да го спречи Вучиќ „повторно да се вклучи со закани и насилство во туѓа земја“, за Србите да ги бојкотираат изборите за градоначалници на општините на северот на Косово.
„На 17 март Западот гарантираше дека нема да има бојкот на изборите во април. Резултатот е познат, не треба да се повтори“, нагласила косовската шефица на дипломатијата.