Франција по примерот на Германија размислува да усвои резолуција за поддршка на С. Македонија

од Nikola Popovski
350 прегледи

Франција исто како Германија е на добар пат да усвои резолуција за Македонија, со која се реафирмираат македонскиот јазик, култура и идентитет и се поддржува нашата земја на патот кон членство во ЕУ. Ова го навести пратеничката во францускиот парламент Лилијана Танги, која доаѓа од редовите на владејачката партија Ренесанса на францускиот претседател Емануел Макрон.

Танги во интервју за „360 степени“ изјавила дека размислуваат да изгласаат слична резолуција како што беше поддржана во германскиот Бундестаг. Смета дека и мнозинството пратеници од француското Собрание би можеле да ја поддржат и затоа размислува да предложи.

-Што се однесува до гаранциите коишто се очекувани, во поглед на македонскиот јазик, би сакала да потсетам дека Франција го признава македонскиот јазик затоа што има катедра за изучување македонски јазик во ИНАЛКО (Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации во Париз, н.з.) и решението, односно францускиот предлог, беше важен во однос на реафирмирањето на македонскиот јазик како јазик официјално признаен од страна на Европската Унија и тоа се навистина елементи кои по природа на нештата би можеле да ни помогнат да составиме предлог, вели пратеничката во интервјуто.

-Би сакала за тоа да разговарам со сите мои колеги од француското Национално собрание, навистина со сите политички партии, за да може да имаме колку што е можно пошироко мнозинство за усвојување на таков текст, додала Танги.

Германскиот парламент на 15 јуни донесе резолуција за поддршка на европскиот пат на нашата земја, во кој ја признава македонската култура, идентитет и јазик. Во документот се препорачува германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од поставување дополнителни услови. Нашата земја е повикана да ја спроведе договорената промена на Уставот и да ги внесе етничките Бугари во земјава.

Слични содржини