Компаниите со предлог мерки до Владата во однос на цената и снабдувањето со електричната енергија

од Vladimir Zorba
554 прегледи

Во очекување Регулаторната комисија за енергетика да ја соопшти новата цена на електричната енергија која за домаќинствата и малите и микро фирми ќе се применува од 1 јули, компаниите кои со електрична енергија се снабдуваат на отворен пазар подготвуваат листа на предлози со кои ќе бараат дополнителна поддршка за да можат да ја преживеат претстојната зимска сезона.

Од Организацијата на работодавачи за „Локално“ велат дека на состанокот на економско- социјалниот совет закажан за во четврток ќе иницираат дијалог со Владата  за состојбата во енергетскиот сектор, цените на електричната енергија и потенцијалните нови директни и индиректни мерки за поддршка на компаниите како што се:

-директни субвенции (доколку цената надмине одредена ценовна граница), намалување на ДДВ на електричната енергија или ограничување на дистрибутивната маржа; мерки за олеснување и поттикнување на инвестициите на компаниите во обновливите извори на енергија; да се обезбеди конзистентност за сите бизниси кои сакаат да воведат технологии за обновлива енергија во однос на процедурите кои се применуваат и трошоците што се наплаќаат; да се испита можноста за воспоставување едношалтерски систем за поддршка на компаниите кои сакаат да започнат сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори итн.

Според работодавачите, владината поддршка треба конкретно да се фокусира и да ги таргетира компаниите кои претходно биле солвентни, но се соочуваат со проблеми што произлегуваат директно од кризата. Со помошта која би имала ограничено времетраење, според нив, ќе се намалат можностите за зачувување на неефикасните компании што може да ја ограничи конкуренцијата и да го попречи растот на продуктивноста на домашната економија.

ОРМ предлага субвенции за заштеда и тоа преку систем на ваучери налик на спортските ваучери, наменет за компаниите кои ќе инвестираат во производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, а со тоа и да ги намалат сметките за електрична енергија. По засега неуспешниот обид за воведување на Данок на солидарност или Данок на неочекувана добивка, ОРМ предлага оданочување на добивката што е остварена исклучиво како резултат на зголемените цени на електричната енергија.

Анализата на ОРМ покажа дека 83 % од компаниите кои купуваат електрична енергија на либерализираниот пазар почуствувале силно влијание од скокот на цените на електричната енергија и зголемувањето на инфлацијата. Па така повеќе од  половината анкетираните компании очекувале да не ги остварат плановите за добивка а една третина од нив размислувале за привремено затворање доколку трошоците за електрична енергија не се намалат или ако не се обезбеди поддршка од Владата.

Помеѓу сите видови потенцијална владина поддршка, која ја навеле анкетираните компании, субвенционирањето на цената на електричната енергија била најпосакувана мерка, потоа владини гаранции за  обезбедување доволно електрична енергија за домаќинствата и бизнисите за време на кризниот период, намалување на ДДВ за електрична енергија и ограничување на дистрибутивната маржа.

Според анализите на ОРМ, потрошувачката на електрична енергија на либерализираниот пазар во 2022 год била  намалена за 22,9% .

Слични содржини