Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека побуната на паравоената формација „Вагнер“ против военото раководство на Русија покажува, како што наведе, „поделби во рускиот табор“ и укажува на кревкоста на руските вооружени сили.
Макрон за денешното издание на дневниот весник „Прованс“ во врска со случувањата во Русија рече дека треба да се биде внимателен бидејќи ситуацијата се уште се развива.
„Но, тоа ги покажува поделбите што постојат во рускиот камп, кревкоста и на нејзината армија и на нејзините помошни сили, како што е групата Вагнер“, кажал Макрон.
Тој додал дека настаните во Русија ги следел „од час во час“.
„Сето ова треба да не држи на стража и целосно да ја оправда поддршката што им ја даваме на Украинците во нивниот отпор“, изјавил Макрон за весникот од Марсеј пред денешната посета на тој град на југот на Франција.