Шефот на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека инфлацијата се уште е превисока и дека се уште е рано да се прогласи победа на ЕЦБ над растот на потрошувачките цени.
„Инфлацијата во еврозоната е превисока и како што стојат работите ќе остане така предолго. Но, предизвиците за инфлација во еврозоната се менуваат“, рече Лагард, додавајќи дека тврдоглавоста на инфлацијата е предизвикана од фактот што таа го пробива својот пат низ економијата во фази, бидејќи различни компании се обидуваат да ги префрлат трошоците една на друга.
Вкупната инфлација во мај изнесува 6,1 отсто, што е намалување во однос на седум отсто во април. Но, целта на ЕЦБ е да ја намали инфлацијата на два отсто.
Еврозоната се соочува со повисоки стапки на инфлација главно по руската инвазија на Украина, која ги зголеми трошоците за енергија низ европскиот блок. Сепак, тие неодамна дефлационираа, а прехранбените производи всушност забележаа најголем скок на цените.
„Постигнавме значителен напредок, но во услови на поупорен инфлациски процес, не смееме да попуштаме и сè уште не можеме да прогласиме победа“, додаде шефот на ЕЦБ, пишува CNBC.
Во борбата против инфлацијата, ЕЦБ почна да ги зголемува клучните каматни стапки од јули 2022 година, а нов пораст се очекува следниот месец и потенцијално во септември.
Некои економски експерти се загрижени дека ваквата строга монетарна политика би можела значително да ја забави економијата и бараат итна промена на правецот во борбата против инфлацијата. Но, Лагард вели дека е премногу рано за такви размислувања и дека мора да биде јасно дека ЕЦБ ќе ги остави стапките на толку високи нивоа сè додека е потребно.
„Малку е веројатно дека во блиска иднина централната банка ќе може со сигурност да каже дека го достигнавме врвот на каматните стапки. Затоа нашата политика треба да се одлучува од состанок до состанок и да се потпираме исклучиво на податоци“, заклучи таа.