„Опозицијата овие денови е во Брисел, таму се среќава со претставници на Европската народна партија, но и со претставници на институциите на ЕУ. По нашите информации тие добиле јасни пораки што може, а што не може да биде изгласано од нивните идеи за уставните измени“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Студио 10“ на ТВ24.
Тој додаде дека верува оти по посетата на Мицкоски во Брисел ќе се создадат услови за да продолжат разговорите меѓу двете партии на ниво кое ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба.
„Ние оставивме простор и слобода навистина за разговори на начин на кој на нив им е прифатлив и комотен. Сега во Брисел, по моите информации, јасно ќе им биде ставено на знаење што е реално, а што не е реално од нивните барање. Ако тоа го прифатат и го сфатат мислам дека чесно ќе дојдеме до формула и да постигнеме компромис кој ќе не извлече сите од оваа ситуација и ќе ја турне државата напред“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот рече дека тие ќе се борат за завршување и исполнување на сите обврски оваа година и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека не може да се изгласаат уставните измени со одложено дејство, бидејќи тоа е внесено во преговарачката рамка со францускиот предлог.
„Тоа беше компромисно така направено. Тоа беше главното барање на Бугарија, уставните измени да се случат што побрзо. Нашето главно барање беше јазикот и идентитетот да не бидат дел од преговорите“ рече Маричиќ.