Пред неполн час имавме одлична изјава на канцеларот Олаф Шолц со која недвосмислена се дава поддршка на европскиот пат на земјата, рече пратеничката на СДСМ Даниела Колева во гостувањето во ТВ24, коментирајќи ја гаранцијата која ја упати канцеларот Шолц дека нема да има нови пречки во процесот на присоединување.
-Ние не го баравме тоа од него, тој самостојно ја даде изјавата, а освен гаранцијата тој искажа многу охрабрувачки работи, односно сме членка на НАТО и претседавач со ОБСЕ и дека имаме капацитет да се носиме со големите процеси и тоа е надоврзано н сите процеси кои се веќе започнати… Пред само неколку дена беше усвоена резолуцијата во Бундестагот и со која се дава цврста основа на македонскиот идентитет, кажа Колева.
Таа додаде дека вчера координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ остварил средба со германска делегација, на која било кажано дека Германија дава поддршка на нашата земја на патот кон ЕУ.
-Во Собранието бевме сведоци на претставници од цела Европа, претседатели и премиери на држави со кристално јасна порака: поддршка на нашата земја, повикувајќи ја опозицијата да не прави блокади и да се приклучи со консензус за внесување на државата во ЕУ. Треба да се искористи оваа можност и јасно е кажано дека најдобриот начин да се донесат овие уставни измени е да се донесат со консензус, истакна Колева.