Нашиот став го кажавме, бараме сеопфатна истрага со сите механизми. Се замрзнуваат сите позиции во партијата и тоа е најдобриот одговор што можеме да го дадеме во моментот, вели министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи околу тоа дали неговата партијата ќе бара истрага за струшкиот градоначалник, Рамиз Мерко, кој се наоѓа на американската црна листа.
Како што рече Османи, Мерко е избран на директни локални избори.
-Не се неговите гласачи само од ДУИ. Тој однос е меѓу градоначалникот и граѓаните и сами треба да го решат. Од сите досегашни реакции во регионот, единствена ваква реакција имате од ДУИ. Ги охрабруваме САД да продолжат да именуваат доколку сметаат дека имаат такви. ДУИ го прекина трендот на реакции кон ваквиот механизам на САД, кажа Османи запрашан од новинарите на прес-конференција.
-Мерко треба сам да донесе одлука (оставка) по однос на граѓаните што го избрале. Да бев јас гласач од Струга и тој да беше мој градоначалник, ќе кажев мое мислење. Тоа е прашање на односот на градоначалникот и граѓаните што го избрале, додаде шефот на македонската дипломатија.