Состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина биле во фокусот на денешната средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал, информира претседавачот со ОБСЕ и шеф на македонската дипломатија, Бујар Османи.
Османи истакна дека охрабрувачки било да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот од 9 точки за деескалација на ситуацијата што го претставил како претседавач со ОБСЕ.
-Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка. Покрај тоа, имав можност да ги претставам и приоритетите на нашето Претседавање со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција. Од особено значење е помирувањето како клучен чекор кон постигнување траен мир и соработка во регионот. Голема благодарност до амбасадорите Брату, Девенпорт и Вал за нивната непроценлива работа и посветеност на напорите за стабилност и просперитет, објавил министерот за денешната средба.
Како прв чекор, планот превидува Косово и Србија да ја реафирмираат посветеноста кон основниот договор и Охридскиот протокол.
Второ, Косово да ги повлече специјалните полициски сили, а Србија да ја намали борбената готовност на вооружените сили.
Трето, на полицијата на Косово, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, да им се овозможи во целост да се грижат за редот и безбедноста на земјата.
Четврто, протестите да се откажат и да се стават во функција општинските функции и услуги, за нормално функционирање на општествениот живот, и воедно им се дозволува пристап на вработените во општините.
Чекор пет, градоначалниците да поднесат оставки до летото оваа година, отворајќи го патот за предвремени општински избори.
Чекор шест, предвремени општински избори да се одржат оваа година.
Чекор седум, ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес, преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи ја со тоа довербата меѓу заедниците.
Чекор осум, ОБСЕ ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување.
Чекор девет, ОБСЕ ќе ги стави своите капацитети на располагање за поддршка на имплементацијата со добра волја од двете страни на договорените одредби и продолжување на дијалогот.