Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се сретна со претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејановски како и со дел од вработените во Центрите за социјална работа. Средбата беше одржана во пресрет на утрешниот најавен протест од страна на синдикатот. Фокусот на разговорите на средбата беше во насока на барањата за покачување на платите на вработените, регресот за годишен одмор како и бенефицираниот стаж.
Тренчевска на средбата посочи дека синдикатот е веќе информиран дека за барањата кои повторно се тема на дијалог, односно покачувањето на платата и регресот се веќе прашања на кои се работи. Таа истакна дека со измена на законот во основната плата ќе влезе и минималната плата, додека пак во однос на прашањето за регресот за годишен одмор веќе е дискутирано дека оваа година ќе има исплата.
Исто така Тренчевска информираше и за работата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување каде што е предвидено во рамки проектот да се изготви решение за бенефицираниот стаж и дека и тоа треба да биде реализирано.
На крајот од средбата министерката истакна дека протестите се легитимно право, но дека предизвиците се решаваат само преку дијалог. Таа посочи дека интересот на вработените во системот за социјална заштита за неа е приоритет. Министерката рече дека секогаш е подготвена да ги сослуша барањата на работниците и дека само преку дијалог може да се дојде до вистинско решение.